Лазаров: Нашите недостатоци може да ги надоместиме само со патриотизам!

Македонија почна победнички на Мундијалот во Германиј и во Данска, со 38-29 против Јапонија, а голема улога во таа победа имаше капитенот, Кирил Лазаорв со осум гола.

Тој е задоволен од победата, но не и од нашата игра во целост. Смета дека има работи кои мора да се поправат, сепак се радува што почнавме со победа за поголема самодоверба во продолжение.

„Резултатот покажува дека сме стигнале лесно до победата, но не беше така. Доста се подготвувавме за овој натпревар, веќе 3-4 дена и тоа вроди со плод, меѓутоа се боревме 50-тина минути додека го решиме овој натпревар. Не ми се допаднаа некои работи, кога доаѓавме во водство, гледајќи го семафорот, едноставно, си земавме за право да правиме некои неодговорни шутеви, меѓутоа што е - тоа е. Рековме дека оваа е една нова репрезентација, која треба да се гради и затоа мислиме на нашата иднина. Момците од натпревар во натпревар ќе созреваат. Ова е голема победа за нас, голема за самодовербата, пред сѐ за младите.“, рече Лазаров по мечот.

Сега им следува еден ден одмор, па в недела уште еден дуел кој мора да се победи - со Бахреин. Лазаров предупредува да не помислуваме дека ќе биде лесно.

„Остануваме на она што велевме, чекор по чекор, ако некој мисли дека ќе биде лесно - нема да биде. Тоа е тоа македонско размислување, кога победуваме веднаш мислиме дека е лесно, но дај боже да биде така, иако мислам дека нема да биде лесно со Бахреин. Тие играа финале на Азискиот куп, против Катар, одиграа добар меч, тоа е една поцврста екипа од Јапонците. Сега да се одмориме, мислам дека и вие сте свесни дека имаме недостаток во квалитет, тоа можеме да го надоместиме само со патриотизам и со национален набој. Само со таква поставеност и со голема желба, можеме да им парираме и на Бахреин и на другите репрезентации.“, анализира капитенот.