Кадетите ја сомлеа и Летонија, Македонија непоразена оди во полуфиналето!

Македонските ракометари до 18 години, доминантно и рутински ја извршија и последната задача во фазата по групи на ЕХФ-шампионатот во Летаноија, совладувајќи ја домашната селекција со 33-23.

На избраниците на Раде Стојановиќ им требаа десетина минути за да почнат да ја покажуваат разликата во квалитет во однос на Летонците. Од осмата до 12-тата не примија гол, благодарение на организираната одбрана и расположениот Давид Брестовац и со серија од четири гола поведоа со 8-3. Имаше и втор ваков наш налет, кој го однесе резултатот до уште поголема предност. 

Ја сочувавме мрежата недопрена нови шест минути, за кои направивме низа од 7-0 и дојдовме до предност од 16-8. До крајот останаа уште десетина минути, а позитивата стана и двоцифрена, за на пауата да важи 21-12. Поддржани од домашната публика Летонците имаа добри секвенци во вториот дел, но Македонија главно го контролираше мечот и предноста ја држеше од 9 до 12 разлика.

Фактот што немаме класичен десен бек, откако Димитар Узунчев се повреди, не се почувствува во играта, затоа што покриваа деснораките ракометари, а и крилото Александар Петковски по потреба. Сепак, ќе биде предизвик за стручниот штаб да се игра со овој недостаток и во мечевите за медали, против Луксембург и против Швајцарија. Денеска Тодор Узунчев беше најефикасен со седум гола, но играч на мечот беше прогласен Томислав Димковски, кој постигна шест. Со шест придонесе и Петковски, а одново одличен беше Брестовац со 11 одбрани.

Утре е слободен ден, а в сабота од 15 часот играме полуфинале, со поразениот од денешниот меч меѓу Луксембур и Швајцарија или во случај на нерешено, против Луксембург, кој има послаба гол-разлика во групата А.