„Имавме голема пресија за тоа полуфинале, а подалеку сме од што мислиме!“

Македониај го доживеа првиот пораз на Европското првентсво во Хрватска (20-31), тотално надиграна од Шпанија и на теренот и во психолошкиот пристап. Еден од подобрите во нашата екипа, голманот Никола Митревски, вели дека притисокот за полуфинале и важноста на мечот си го направиле своето.

Митревски вели дека ги понел лошиот старт, многуте технички грешки, а потоа со повредата на Лазаров - немаше враќање назад.

„Видовме што се случуваше во првото полувреме, можеби самата важност на натпреварот придонесе за мала блокада, па направивме голем број технички грешки. Се повреди и Лазаров, што е голем пех за нас, тој е нашиот најважен играч, па во второто полувреме мораше да покажеме карактер, одигравме подобро од првото, но не беше доволно да ја смалиме разликата“, вели голамнот, кој одигра маестрално полувреме, со 14 интервенции.

Сега се чувствуваме лошо со поразот од 11 разлика, но математиката не е сложена до крајот на првенството: со две победи Македонија е во полуфинале. Сепак, на ракометарите овој копнеж, оваа близина до полуфиналето им направила повеќе проблем отколку услуга.

„И самата таа пресија од сите нас, од јавноста, од медиумите, дека полуфиналето е блиску си го стори своето, а ние всушност бевме многу подалеку отколку на почетокот, бидејќи имаме три многу силни противници и изедначена група. Мора да одиме натпревар по натпревар за да видиме што и како. Прво да се одмориме и да се спремиме за Чешка, па потоа ќе мислиме за Данска и за расплетот во групата“, дополни Митревски.

Следниот натпревар за Македонија е во вторник, со Чешка, во 20.30 часот.