Фантастична Македонија: Манасков го замолкна Исланд!

Македонската ракометна репрезентација оствари фантастичен резултат на гостувањето на Исланд, славејќи со 34-33 и тоа со гол во последните секунди од натпреварот.

Дебито на Данило Брестовац како селектор на Македонија се сведе на последните секунди од натпреварот во Рејкјавик, кога цела планина одговорност падна врз раката на Дејан Манасков. Шутираше пенал на три секунди до крајот, Густавсон му го одбрани ударот, но среќата посака топката да се врати до него и тој да погоди за 34-33 и вредни два бода за Македонија во квалификациите за ЕП 2020.

Претходно, Македонија водеше титанска битка со Исланѓаните, со атомски ракомет и многу „тепање“.  Имавме бавно будење, првиот гол го постигнавме дури во шестата минута, а потоа дојде и до негатива од највисоки четири гола (3-7, 7-11), меѓутоа Македонија се врати во игра со одлични последни 10 минути од првото полувреме. Беше 12-9 за домаќинот кога влеговме во нив, а почнаа со серија од 4-0 за нашите ракометари, за да постигнеме осум до сирената за пауза, дури патем и двапати да поведеме

Исланѓаните се обидоа да наметнат темпо на стартот на вториот дел, па поведоа со 22-20, но Македонија ја коригираше одбраната, барем за кратко, го запре неприкосновениот Арон Палмарсон и ги натера неговите соиграчи доста да грешат. Набргу го вративме водството, а во 46. минута првпат имавме плус два, 26-24. 

Немаше дилема дека вака тесен натпревар ќе влезе во инфаркт-завршница, која почна да изгледа лошо за нас во 56. минута, кога Исланд стигна да го сврти резултатот со 32-31. Брестовац повлече добар потег, внесувајќи го Никола Митревски на гол-линијата, кој со две интервенции помогна многу, а на сцена стапи и Филип Талески со зрелост и решителност, постигнувајќи три гола во завршните пет минути.

Во последните 15 секунди, судиите досудија преобивање за Макеоднија и чекори за Исланд, долевајќи гориво на циркусот, а потоа следуваше присебната, клучна реакција на Манасков. Тој и Гоце Георгиевски со по осум гола беа најефикасни, шест капитенот Кире Лазаров, а Талески броеше до пет. Македонија сега има четири бода, колку и Исланд, Турција и Грција се зад нас со по два. Ќе се пробиеме на врвот ако в недела од 20 часот, во „Борис Трајковски“ вторпат ги совладаме Островјаните.