Добро што не е од Европа: Македонија го дозна последниот противник на СП 2019!

Ракометната репрезентација на Македонија последниот меч на Светското првенство (СП) во Германија и Данска ќе го одигра против Чиле, откако оваа селекција загуби попладнево во дуелот со Катар (27-37).

Тоа ќе биде пресметка за 15-тото место во конечниот пласман на Мундијалот, која од 13 часот ќе се одигра во Келн. Македонија по денешниот пораз од Русија во овој дуел ќе влезе како фаворит, со оглед што Чилеанците на ова првенство двапати беа „растурени“ и тоа од Норвешка со 21 гол разлика (41-20) односно од Данска со 23 гола разлика (39-16). Но, противникот никако не смееме да ги потцениме, бидејќи истовремено на ова СП успеаја да ја шокираат фаворизираната Австрија (32-24).

Гледано од традицијата, добро е што избраниците на Раул во битката за конечен пласман ќе играат со селекција која не е од Европа, со оглед што на првенството имаме само порази во пресметките со репрезентациите од Стариот континент. Но, ваков ќе беше епилогот без разлика на денешниот дуел на Чиле, со оглед што и Катар не доаѓа од, за нас годинава, „проблематичниот“ географски простор.

Против Чиле сме се сретнале двапати, а еднаш на Мундијалите и тоа на стартот на СП во Шпанија 2013 кога во Севиља триумфиравме со 30-28, како и во квалификациите за Олимпијадата во Рио со 30-27.