Шоу на Митревски: Победата ни излизга, ама освоивме голем бод против Унгарија (ФОТО)

Македонската ракометна репрезентација дојде до голем бод на стартот од Светското првенство во Вараждин, откако вечерва ремизира против фаворизираната Унгарија (27-27) во меч во кој заслуживме да победиме, пред се поради храбрата игра и фантастичниот Никола Митревски на голот.

Унгарците силно го почнаа натпреварот, па брзо поведоа со 5-2 најмногу благодарение на расположениот Зоран Илиќ, кој постигна четири од овие погодоци. Но, тоа како да ги налути жолто-црвените лавови, кои заиграа многу поангажирано, а Никола Митревски ја „спушти ролетната“ на голот. Резултат на ова беше серијата 8-1 со која македонската селекција дојде до највисокото водство на средбата (10-6). Тоа како да го збуни фаворизираниот противник, кој беше изненаден од силниот отпор на селекцијата која сметаа дека лесно ќе ја прескокнат. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров играа како швајцарски часовник во овие моменти, со што најавија изненадувачки епилог на крајот.

Селекцијата на Унгарија во последните десет минути од првото полувреме почна да се опоравува од „нокдаунот“, па полека почна да ја топи нашата разлика. Во финишот имавме плус три (14-11), но не ја задржавме, па на одмор се замина со изедначен резултат (14-14). Второто полувреме продолжи во ист стил, се играше буквално гол за гол на двете страни и ниту еден од тимовите не успеа да се одлепи позначајно, а често беше нерешено. Митревски продолжи да брани во ист стил, а нашите брзи бекови им правеа големи проблеми на бавните Унгарци.

Во последните десет минути влеговме со предност 22-21, што ни даде надеж да се понадеваме на чудо против фаворитот. Слично беше и во последните пет минути во кои влеговме со 25-24, што дополнително ја вжешти ионака пеколната атмосфера во арената во Вараждин. До крајот се играше гол за гол, а нашите момци имаа 27-26 и напад во последната минута, но не ја задржавме смиреноста и му дадовме шанса на противникот да изедначи, што и го стори.

 

 

 

 

Филип Кузмановски со девет погодоци беше прво име во македонската репрезентација, играјќи максимално борбено и ангажирано, како што му доликува на капитен. Зад него се најдоа Митев и Мартин Велковски со по три гола. Фантастичен беше и големанот Митревски, кој средбата ја заврши со 14 одбранети удари кон неговиот гол.

Утре е ден одмор, а веќе задутре (петок) нашите ракометари повторно ќе истрчаат на теренот, овој пат против селекцијата на Холандија (18 часот).