Арена ги купи ЕП во ракомет до 2024, ќе има ли македонска херој телевизија да одговори?

Македонската спортска публика и понатаму ќе има турбуленции кога се во прашање директните преноси од елитните ракометни настани. Ако минатата сезона мораше да се задоволи со ТВ-преноси од Лигата на шампионите на српски јазик, сега регионалниот гигант „Арена спорт“ најави дека проблем можеби ќе бидат натпреварите на македонската репрезентација.

Арена се пофали дека ги откупила ТВ-правата од Европските ракометни првенства во 2022 и во 2024 година, како во машка така и во женска конкуренција. Заедно со тоа, го продолжиле договорот за пренесување на Велукс Лигата на шампионите до 2024 година. Вардар и Еурофарм работник оваа сезона, сепак, ќе ги слушаме со коментар на македонски, бидејќи националната МРТ се договори да го преземе сигналот паралелно додека траат преносите и на Арена.

Но, што е со настапите на македонскиот национален тим на ЕП? Тоа се манифестации на кои Македонија редовно учествува и кои станаа неразделен дел од македонските домови секој јануари во последните десет години. 

„Со потпишувањето на договорот со 'ДАЗН груп' и со 'Инфронт', Арена им ги обезбеди на гледачите од регионот директните преноси од натпреварите за ЕП во ракомет за 2022 и за 2024 година во двете конкуренции“, потврди и српски „Мондо“.

Ова не значи дека натпреварите од ЕП 2022 и 2024 апсолутно и исклучиво ќе одат на Арена, туку дека ако сакаме да ги следиме и на македонски јазик ќе треба и некоја од нашите домашни телевизии да се договори со Арена, кога веќе таа ги добила правата за регионот. Тоа би чинело и финансии, се разбира, но незамисливо е да се случи ЕП на кое учествуваме, а да не се емитува на домашен канал.

Слична мизерија веќе преживуваме со фудбалската репрезентација, до душа не на првенство, туку во квалификации, на гостинските натпревари. Згора на тоа, ЕП во женска конкуренција во 2022 година се одржува во Македонија, во Црна Гора и во Словенија и повторно, би било скандалозно да нема пренос на македонска телевизија.