Вардар не разочара во последниот домашен натпревар во 2018 година и го совлада Татран Прешов со 23-21.

Дербито на 12. коло во СЕХА-лигата го оправда епитетот и понуди изедначен натпревар, ставајќи ја во сенка фавористката улога на Вардар, на хартија. Македонскиот првак одигра доволно за да се справи со противникот, водејќи максимум со три разлика во текот на целиот меч.

Роберто Парондо го одмори Тимур Дибиров и комбинираше со составот колку што можеше да дозволи резултатот, а тој не му беше постојано наклонет. Татран дури и водеше на моменти во првото полувреме, сепак Вардар замина на пауза со 10-9.

Голманите имаа силна улога, па на Парондо не му функционираше најдобро експериментирањето со Дисингер, Карачиќ, Скубе и Криштопанс на бековските позиции. Во вториот дел ситуацијата на семафорот беше слична, со тоа што Вардар не му дозволи на Татран ниеднаш да поведе, само да изедначи во неколку наврати.

Шанса доби и Киселјев, а водството порасна и до плус три, првпат во 51. минута (20-17). Татран го одржуваше во живот одличниот голман Игор Чуприна, кој заврши со 13 интервенции, сепак имаше одговор од спротивниот гол, каде што Дејан Милосављев изброја идентични 13. Меѓу стрелците најистакнат беше Карачиќ со шест гола, а по три дадоа Стоилов, Дисингер и Чупиќ.

Ова беше последен натпревар на Вардар на домашен терен за 2018 година, а претпоследен воопшто, бидејќи в понеделник ѝ гостува на Стеауа. Ако победи ќе го задржи првото место на СЕХА-табелата.