СЕХА-лига 12. пат, Вардар отвора на гости кај Татран!

Сезоната број 12 во СЕХА-лигата веќе почна, со натпреварот меѓу Војводина и Нексе (31-25) во средата, но за македонските претставници стартува денеска. Вардар ќе му гостува на Татран во 16 часот, во потера по првото место во групата Б, во која е уште и Партизан.

Со осум екипи, во скратен формат распореден во три натпреварувачки месеци, СЕХА-лигата ја отвори трката по 12. шампион, наследникот на Веспрем, кој лани ја освои петтата круна и се изедначи со Вардар по трофеите во регионалната конкуренција. Црвено-црните се далеку од шампионски амбиции, но со оглед на суспензијата од Европа, натпреварите во регионов добро ќе им дојдат за разигрување на тимот.

Татран е ривал по мерка за тоа, со оглед дека не располага со висок квалитет на нивото на Загреб или Веспрем, но доволно е поткован да го предизвика Вардар. Скопскиот тим има 13 победи едноподруго во 16-те соочувања со Словаците, но тоа се бројки од некои други времиња и со некои други играчи.

„Гледавме некои од натпреварите на Татран во подготовките за овој меч и имам впечаток дека нивниот стил на игра не се сменил премногу под водство на новиот тренер. Ние се уште се подготвуваме за долгата и густа втора полусезона. Атанасовски, Добрковиќ и Ристовски ќе ги немаме за овој натпревар“, вели Владо Недановски, тренерот на Вардар.

Откако ќе се одиграат натпреварите по групи, екипите ќе продолжат во четвртфиналето, каде што веќе чекаат Веспрем и Загреб, за да вкрстат со третопласираните од групите А и Б. Во А-конкуренцијата игра Пелистер, со Војводина и со Нексе.