Продолжува со „жетвата“: Карачиќ го освои првиот трофеј во дресот на Кјелце (ФОТО)

Хрватскиот ракометен репрезентативец и долгогодишен миленик на навивачите на Вардар, Игор Карачиќ и официјално дојде до првиот трофеј во дресот на полски Кјелце, откако полската федерација реши предвреме да го прекине шампионатот поради пандемијата со коронавирусот.

Средниот бек, кој во црвено-црните дрес двапати се искачи на кровот на Европа, минатото лето премина во составот од Полска со кого дојде до трофејот со предност од само три бода во однос на Висла Плоцк, која, пак, има натпревар помалку. Според полските медиуми, причина за ваквата одлука на федерацијата е што Кјелце има подобра гол-разлика во меѓусебните дуели со директниот противник, па секако ќе биде прв и во случај на изедначен број бодови. Новиот шампион загуби во првиот меч во Плоцк (26-27), а потоа се реваншира ептен убедливо (29-20).

Карачиќ во својата богата ризница покрај двата трофеи за европски шампион има и четири победнички пехари од СЕХА-лигата, како и шест шампионски триумфи во македонското првенство и пет во Купот на Македонија.