Голужа: Металург ни отчита лекција за борбеност и дисциплина!

Македонскиот вицешампион ја запиша првата победа во новата сезона и тоа во СЕХА-лигата против Татран Прешов со 30-28 и така избега од последната позиција на табелата.

Пофалби за играта на тимот од Авткоманда имаше и тренерот на Татран, Славко Голужа, кој кажа дека неговата екипа добила лекција.

„Морам да му честитам на Металург на играта. Ни отчитаа лекција за борбеност, за сериозност, за дисциплина. Кога видов како во 58 минута се фрлаа за топката, мене срцето ми беше полно. Немавме ростер за овој меч. На пример Лапајне, во кого гледавме лидер, тргна сам да игра натпревар. Правевме технички грешки, губевме топки. Мислам дека еден ракометар кој созрева, не е добро да биде така неодговорен и недисциплиниран. Потоа, Буторац, Бабиќ, тие се странци, не смеат така да играат. Aко имав друг ростер, тие немаше да играат во второто полувреме во Скопје. Имаме повредени играчи, млади играчи, од Б-екипата. Дојдовме во Скопје без три до четири играчи. Но, тоа не е алиби. Домаќинот не надигра во сите сегменти. Имавме разговор по мечот и им кажав дека сите треба да се замислат. По враќањето во Прешов ќе зборуваме повеќе на оваа тема, затоа што дресот на Татран не смее да се носи на ваков начин“, изјави Голужа.

Зад зборовите на тренерот на Татран застана и нивниот ракометар Мартин Страновски, кој кажа дека многу доцна почнале да играат ракомет.

„Како што кажа тренерот, одигравме лош меч. Почнавме да играме ракомет во 58 минута. Беше доцна за било што да направиме. Секоја чест за Металург, а ние со ваква екипа мораше да покажеме подобра игра“, изјави Страновски.