Е. Пелистер ја надигра Металопластика за победничко сефте

За разлика од Европската лига, каде што чекаа пет натпревари за прва победа, ракометарите на Еурофарм Пелистер се израдуваа на триумф уште на премиерата во СЕХА-лигата. Во Битола падна Металопластика, во интересен и тесен натпревар, кој резултира со 30-26.

Македонскиот претставник видливо беше поквалитетниот состав на паркетот во „Боро Чурлевски“, но одигра доволно за да ја победи Металопластика, а патем натпреварот да биде интересен и со доза неизвесност. Благото водство од првиот дел, битолчани планираа да го понесат и на одморот, меѓутоа од 20. минута, кога водеа со 11-9, до крајот на полувремето постигнаа само еден гол. Примија дури пет, па си отворија грижи на паузата и задача како да ги анулираат тие 12-14.

Иако гостите отворија гол со вториот дел, сепак уште почетните миниути покажаа дека домаќинот е способен за камбек. Во брза и ефикасна игра, веќе во 34. минута беше изедначено, а во следната Е. Пелистер поведе со 18:17. Во 44. минута предноста првпат се качи на плус три (26-23) и остана во тие рамки до крајот и покрај налетите на гостите од Шабац. Босанскиот среден бек, Јосип Периќ беше предводник на екипата со фантастична партија во нападот, со осум гола од девет обиди, а му помогнаа Стипе Мандалиниќ со шест, како и Мартин Велковски со четири асистенции и три гола.

Дејан Бабиќ беше најпрецизен кај српскиот тим, со седум гола, а неговиот соиграч од гол-линијата се истакна со 10 интервенции. Голманите на Е. Пелистер заедно имаа 11, шест Чаневски, пет Трајковски. Ова беше само втор натпревар во новата сезона од СЕХА-лигата, откако во четвртокот Нексе ја совлада Војводина (24-23). Календарот ќе продолжи во февруари, кога секој ќе одигра со секого, во рамки на групите А и Б, а потоа ќе почне елиминациската фаза, во која чекаат Веспрем и Мешков Брест.