Димитриоски со три гола во поразот на Валјадолид, имаше и една – голманска одбрана (ВИДЕО)

Македонскиот ракометен интернационалец, Димитар Димитриоски, беше меѓу подобрите во тимот на Валјадолид во синоќешниот пораз на гости кај Бенидорм (27-32) во меч од шпанската АСОБАЛ лига, откако средбата ја заврши со три постигнати гола.

Зад неговото име на крајот стоеше и една одбрана, иако тој не е голман и тоа пораги неговата пантерска интервенција во ситуација кога голот на Валјадолид беше празен. Тимот на Димитриоски на стартот од второто полувреме напаѓаше „седум на шест“, но погреши, по што еден од противничките ракометари се обиде да ја искористи ситуацијата за да погоди од гол на гол.

Тој веднаш стрелаше од сопствената линија на шест метри, упатувајќи ја топката кон празната мрежа на гостите, но таа не заврши таму благодарение на снаодливоста на македонскиот ракометар, кој одбрани без да влезе во голманскиот простор со што ќе направеше пенал.