Дејвис: Бевме многу уморни и затоа загубивме од Нексе!

Ракометарите на Вардар не го искористија залетот што го фатија по неодамнешната победа на гостувањето кај Монпелје во Лигата на шампионите (ЛШ), која, сепак, го зеде данокот на веќе следниот дуел односно во синоќешниот пораз на гости кај Нексе од СЕХА-лигата.

Така барем мисли тренерот на црвено-црните, Давид Дејвис, кој на овој меч во составот го немаше Тимур Дибиров, како и Анте Гаџа и Борко Ристовски, кои го пропуштија и претходниот дуел во Франција.

„Бевме уморни од претходните натпревари и тоа беше клучно, па за жал загубивме. Морам да потенцирам дека црвениот картон, кој му беше доделен на нашиот играч во првото полувреме, беше од големо значење за нас. Им честитам на ракометарите на Нексе за заслужената победа“, изјави Дејвис.

Филип Талески, пак, потенцира дека ракометарите одиграле спротивно од договрената тактика пред мечот и дека тоа е главната причина за поразот.

„Поразот дојде бидејќи не ја одигравме договорената тактика. Се обидовме да се рехабилитираме за време на мечот, но домашните ракометари имаа одговор за секое наше враќање. Им честитам на победата“, изјави Талески.

Ваардарци немаат време за одмор, бидејќи веќе утре ги чека обврска во домашното првенство и дуел против Тиквеш во Кавадарци.