„Во пеколот во Македонија да пристигнеме со голема предност од Злин!“

Подобриот вкупен резултат во двомечот против Романија, за ракометната репрезентација на Македонија значеше пласман во вториот круг од баражот за СП 2023, во кој ќе ги одмериме силите со добро познат ривал – Чешка.

По дознавањето кој ќе им биде ривал, Чесите дадоа свое видување за двомечот со жолто-црвените закажан кон средината на следниот месец. Тие знаат како е да се игра пред илјадници навивачи во преполната сала во Скопје, поради што се свесни дека треба да обезбедат завидна „зимница“ ако сакаат мирно патување кон македонската престолнина.

„Македонија е наш традиционален ривал, со кој многупати сме се сретнале во овие елиминациски борби за големите натпреварувања. Ќе биде многу важно како ќе го одиграме првиот натпревар. Искрено, ни треба голема предност, бидејќи сите знаеме како натпреварите изгледаат во Македонија, каде што доаѓаат 8.000 балкански навивачи. Ова не е алиби и не сакаме да се криеме зад ништо, сакаме да се пласираме на Мундијалот, тоа е јасно“, вели десниот бек, Станислав Кашпарек.

Првиот меч помеѓу Македонија и Чешка ќе се одигра на 13 април во Злин, додека реваншот е на 17 април во Скопје.