Веспрем го прегази Порто, осум одбрани за Митревски

Македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски со својот Порто беа немоќни вечерва против унгарски Веспрем и загубија убедливо со 28-35 во второто коло во ракометната Лига на шампионите, а ПСЖ без преголема мака ја совлада полска Висла Плоцк.

Митревски собра осум интервенции од 32 шута, а заедно со колегата Себастијан Фрадесн имаа вкупно десет интервенции, но Веспрем беше премоќен и во вториот дел комплетно ги разби Португалците и имаше и десет гола предност во неколку наврати во последната четвртина од мечот.

Родриго Коралес собра 14 интервенции за Веспрем, а Петар Ненадиќ со осум гола беше предводни, а Мануел Штрлек додаде шест гола. Џак Турин со шест гола беше најдобар стрелец кај Порто.

ПСЖ ја победи Висла Плоцк со 37-33 за прва победа сезонава во која Шипшак даде девет гола, а Никола Карабатиќ додаде седум. Веспрем во оваа група има максимални две победи, додека Порто има два порази во воведните две кола.