Вардар остана во Скопје: Ковид-19 го нападна првакот пред мечот со ПСЖ!

Вардар утрово не замина за Париз каде што требаше да се пресмета со ПСЖ во Лигата на шампионите (среда 18.45). Чартер-летот бил откажан, а наводно причината за тоа е што двајца членови на европскиот првак се заразени со Ковид-19.

Откажувањето на гостувањето во Париз е повеќе превентивна мерка, бидејќи досега биле заразени само двајца, без кои, објективно, се може на натпреварот со ПСЖ, но непознато е дали вирусот е пренесен и на повеќе членови од тимот. 

„Спорт1“ неофицијално дознава дека заразени се една масерка и младиот пикер Давид Гашоски, кој ретко добива шанса во тимот, но поради заштита на сите од клубот патувањето се одложува. Останува сите дополнително да бидат тестирани, за да се знае што ќе преземе Вардар понатаму, дали ќе мора да оди во подолг карантин, кој би предизвикал пропуштање на уште натпревари од Лигата на шампионите.

Досега не одигра два од трите, дома со Елверум и нагости со Пик Сегед, двапати на барање на противниците. Засега нема одлука од ЕХФ за одложување на мечот меѓу ПСЖ и Вардар, но таква информација се очекува наскоро.