„Вардар има помала клупа, ама притисокот е врз Пик Сегед“

На прес-конференцијата пред натпреварот со Пик Сегед, од четвртфиналето во Лигата на шампионите, најмногу се зборуваше за заминувањето на Сергеј Самсоненко од клубот и како тоа влијаело врз играчите, но капитенот Стојанче Стоилов проговори и за самиот натпревар.

Капитенот на црвено-црните смета дека Пик Сегед е фаворит и дека на Вардар ќе му биде тешко, особено, поради скратениот ростер. Но, истовремено, тој смета дека Унгарците ќе се соочат со притисокот да мора да остварат добар резултат.

„Хендикеп е клупата, имаат поголем ростер. Навистина немавме среќа оваа сезона со повредите, се надевам тоа нема да влијае. Сепак ова се два натпревара, ќе направиме се да се обидеме да го добиеме. Сериозен противник е, со многу добри играчи, плус незгодно е кога двајца шпански тренери, многу тактика, не е многу интересно. Сепак ќе покажеме желба, ќе покажеме борба и ќе одиме на победа. Мислам дека тие имаат притисок и ним ќе им биде потешко. Знаат дека Вардар има проблеми, цела година повреди, сега ова и ќе имаат притисок да остварат добар резултат“, рече Стоилов.

Првиот натпревар мегу Вардар и Пик Сегед се игра в четврток во 20 часот, а реваншот во Унгарија на 5 мај.