Стоилов: Како да не ми е тешко, Вардар е мој клуб!

Вардар одржа прес-конференција по повод четвртфиналниот натпревар со Пик Сегед в четврток (20ч.), но многу пообемна тема на средбата беше најавата на Сергеј Самсоненко дека ќе го напушти клубот. Капитенот Стојанче Стоилов, човекот со најголем стаж во црвено-црниот дрес, ги сподели своите мисли и емоции околу тоа.

Стоилов вели дека нивната судбина е неизвесна, не знаат што ќе значи ова за клубот на долг рок, но важното е дека сега тие сето тоа го ставаат на страна и се фокусираат на натпреварот со унгарскиот шамоион.

„Играме со Пик Сегед, најважен натпревар досега во оваа сезона. Можеби е последен натпревар во Лигата на шампионите на овој Вардар каков што го знаеме, после најавата на Сергеј. Но, тоа го ставаме ние на 'стендбај' сега, фокусирани сме само на Сегед. Според мене тие се фаворити, им ја предавам таа улога. Да се обидеме пред полна сала со заеднички сили, пред нашата домашна публика да го добиеме“, рече Стоилов.

Оваа одлука Сергеј ја соопшти во незгоден момент, на помалку од една недела до натпреварот со Пик Сегед, што сигурно не е пријатно за ракометарите.

„Не знам како да кажам дали не изненади или не, ние имавме проблеми цела година, повредени играчи цела година. Ние имаме одлична хемија меѓу нас, одлична атмосфера, кој знае, можеби ова ќе ни даде ветер во грб. Тешко, ова е мој клуб, тука сум пораснат во градот, навивач на Вардар, но што е тука е, животот продолжува, дали ќе излезе можеби нов пат во животот. Засега мислиме само на Сегед“, кажа капитенот.

На крај, не пропушти да каже дека ракометарите му се благодарни на Сергеј, без оглед на оваа горка вест.

„На сите убави нешта доаѓа крај, убаво беше дури траеше, но сепак уште ништо не знаеме точно. Сергеј кажа нешто, но не дојде нам да ни кажа лично. Не знаеме како ќе биде идната година, дали ќе дојде некој да го земе клубот, не знаеме. Нема врска тоа, ние треба да сме му благодарни нему, за сè што направи за нас, за Скопје, за ракометот во Македонија“, заврши Стоилов.