„Тешко е да играте против '7 на 6', ви текнува како загубивме од Рајн-Некар?“

Ракометарите на Вардар в недела (17ч.) ќе имаат домашна премиера во новата сезона од Лигата на шампионите, а колку се нетрпеливи да се состанат со својата публика повторно по четири месеци говори ентузијазмот на Тимур Дибиров, на денешната прес-конференција.

Русинот зборуваше за цела екипа кога рече дека се возбудени да се вратат во својата арена со натпревар од Лигата на шампионите. Иако не играат против некој европски гигант, желбата за победа е константа.

„Почнува ЛШ, секогаш сме многу возбудени од почетокот на ЛШ, особено кога го играме првиот натпревар дома и тоа како европски првак. Тоа е посебно чусрвво. Очекувам дека салата ќе биде полна, дека публиката ќе дојде да нè поздрави, a дека ние ќе одговориме со добра игра. Знаеме дека ќе биде тешко без разлика дали е Порто, Кил или Келце. Но, сите знаеме како играме во Скопје. Малку е комплицирана таа игра 7 на 6 на Порто, но тоа треба да го тренираме, да се навикнеме, гледаме и видео-анализи. Чекор по чекор одиме напред.“, изјави Дибиров, кој ја презеде улогата на капитенот во периодов кога Столе Стоилов се рехабилитира од операција.

Порто е екипа со понизок квалитет од Вардар, но истовремено е екипа која може да победува големи противници. Доказ за тоа е првото коло во кое Мешков Брест падна во Португалија и покрај тоа што имаше осум позитива. Причината беше една - играта 7 на 6.

„Го гледавме натпреварот на Порто против Мешков, таков камбек е сериозна работа. Повторно ќе речам, 7 на 6 е многу комплицирана тактика, ако екипата влезе во ритам. Ние во Скопје сме имале 2-3 порази во последниве години, а еден од нив беше од Рајн-Некар. Во манхајм ги размонтиравме, ама во Скопје ни играа така и не можевме да се справиме. Мора да бидете многу концентриран за да играте против таква тактика. Да не бидеме глупави и да правиме грешки, се надевам дека ќе учиме на туѓите грешки. Така што, се подготвуваме за таков натпревар, да можеме да го издржиме тоа темпо цел натпревар, па ќе видиме“, објасни Дибиров.