Ристовска: Кога играш дисциплинирано, лесно победуваш!

Европскиот вицешампион ЖРК Вардар ја забележа и третата победа во групата во Лигата на шампионите, по триумфот со 31-19 на гостувањето кај Ларвик и го задра лидерското место во групата.

За Вардар ова е трета победа во петтиот меч со Ларвик, а до триумфот црвено-црните девојки исчекорија со серијата 7-0 во завршницата од полувремето, кога и ја направија првата голема разлика. Сара Ристовска, младото крило на вардарки во тој период даде четири гола од вкупно шесте со беспрекорна стоотстотна реализација – шест од шест.

„Го почнавме натпреварот без притисок, се препуштивме на нашата игра. Имаше отпор од ривалот, па затоа и беше нерешено на почетокот. Со одбраните на Суслина и добрата игра имавме брзи контри и полуконтри, за да направиме разлика. Имаше голема дисциплина во нашата игра, и лесно и заслужено триумфиравме“, изјави Ристовска.

Во следното коло Вардар е домаќин на Ларвик на 4 ноември во Скопје.