Раул: Горд сум што сум тренер на најдобрите ракометари!

Раул Гонзалес беше емоцијално исцеден по натпреварот со Кил, но видно задоволен се заблагодари во својот скромен и ненаметлив стил. Не пропушти да му честита на Кил, потенцирајќи дека ова е еден од најтешките натпревари оваа сезона. 

Раул призна дека Кил одиграл одличен натпревар и им задал многу проблеми, сепак среќен е што бајката доби среќен крај.

„Беше тежок натпревар, имавме многу проблеми, со одбраната, а промашивме неколку ситуации 'еден на еден' против Ландин. Сепак, успеавме да се поправиме и во вториот дел беше малку подобро. Игравме под притисок, но со големата поддршка од трибините успеавме да дојдеме до посакуваниот резултат. Кил играше одлично, уште еднаш покажа дека е одлична екипа со одличен тренер и играчи„, изјави шпанскиот тренер на прес-конференцијата.

Сега следува емотивно соземање, па одмор и напорна подготовка за Келн. Раул е среќен што располага со ваква екипа, а како ќе биде во Келн - ќе размислува во иднина.

„Им честитам на моите ракометари, горд сум што сум им тренер. Покажаа дека се најдобри! Имавме одлична сезона, завршивме на прво место во групата, го освоивме и Ф4-турнирот во СЕХА-лигата и сега обезбедивме пласман на Ф4 во Келн. Знаеме дека Вардар сега таму ќе игра како шампион и ќе биде поинаку. Јас мислам дека треба да почнеме од нула и да играме максимум без разлика против кого ќе играме. Благодарност на сите, играчи, новинари, фанови за неизмерната поддршка“, изјави Гонзалез.

На прашање за противникот, не излезе од очекуваниот шаблон и едноставно одговори:

Сеедно ми е, кој и да биде мора да одиграме добро!