На Тиаго Силва не му се оди во пензија – се враќа во клубот каде што почна!

Еден од најдобрите бразилски стопери на сите времиња, Тиаго Силва и покрај тоа што има 39 години се уште одбива да се пензионира и сака да ги „закачи копачките“ на најдобар можен начин, барем за него, со настап во клубот каде што ја почна фудбалската приказна.

Тој реши да се врати во матичниот Флуминенсе, каде што последен пат играше пред 15 години. Според бразилски „Ге Глобо“, дефанзивецот се договорил за соработка со клубот од Бразил и ќе го потпише договорот до јуни 2026 година.

Искусниот стопер играше за Флу од 14 до 16 годишна возраст, а потоа во 2006 година во првиот мандат како позајмен играч од Динамо Москва ги имаше првите настапи во сениорска конкуренција. Тој беше под договор со тимот од 2007 до 2009 година, кога беше купен од Милан. За бразилскиот гигант одигра 143 натпревари и постигна 14 гола, поради што во клупската каса влеа 10 милиони евра.