ПСЖ може да се пакува за Келн: Ѕвездите од Париз со едно полувреме го освоија Кјелце!

Актуелниот европски вицешампион Пари Сен Жермен може слободно да почне да се пакува за учество на завршниот фајнл-фор во Келн, откако денеска во првиот четвртфинален меч победија со седум голови предност (35-28) во дуелот со полски Кјелце, иако тој триумф можеше да биде и поубедлив.

ПСЖ го сомле полскиот тим предводен од Талант Дујшебаев на клупата и од поранешниот вардарец Алекс Дујшебаев, па откако по десет минути мечот беше во егал (4-4), следеше фуриозна игра на „светците“, кои десет минути подоцна направија серија од 11-2 и убедливи 15-6, кои потоа до крајот на полувремето ги направија и најубедливи плус 12 (22-10).

Сепак, Кјелце не се предаде и се обиде да се врати во мечот, па на средина од вториот дел успеа да стопи седум голови од предноста за најблизу да се приближи на 22-27, но толку сила имаа Полјаците, па ПСЖ се созема и не дозволи да си ја зикомпликува ситуацијата за победата и на крај славеше со седум голови предност (35-28).

Поранешниот вардарец Алекс Дујшебаев со седум гола беше најефикасен кај Кјелце, додека во ПСЖ дури седум ракометари дадоа по пет или четири гола. Најефикасни беа Никола Карабатиќ, Лук Абало и Микел Хансен со по пет, а од нив Данецот беше стоотстотен, додека двајцата Францизи со само едно промашување.

Во првиот четвртфинален меч Фленсбург и Монпелје ремизираа 28-28, а утре се играат преостанатите две четвртфиналиња во кое Вардар му гостува на Кил во Келн, а Нант на нашиот најдобар ракометар Кирил Лазаров ќе се соочи со сензацијата од Данска, Скјерн.