Ракометарите на Вардар продолжуваат да ја бранат титулата во Лигата на шампионите, пласирајќи се на фајналфор-турнирот во Келн втора година едноподруго. Четвртфиналната пречка, Кил, ја решија со пораз, денеска во Јане Сандански, со 27-28, но поради повеќе голови на гости оди понатаму. 

Никој не рече дека ќе биде лесно, напротив, беше мачно константно неизвесно, меѓутоа Вардар беше екипата која водеше, речиси, цел натпревар. Кил покажа класична германска упорност во завршните минути, без ни да помисли на откажување, дури ни во 52. минута, кога резултатот се врати на плус три за Вардар, 25-22.

Тоа личи малку на прв впечаток, но како течеше мечот беше проблем за која било од екипите да направи исчекор. Кил се врати, изедначи на 27-27 на 40 секунди до крајот, а потоа искористи конфузија во редовите на Вардар и поведе со 28-27 на 15 секунди до крајот.

Водството не беше важно, бидејќи беше изразено со помалку постигнати голови отколку на минатиот натпревар во Кил. Ако се потсетиме како Вардар ја стекна таа победа, со среќниот гол на Македа од аут, ќе ја сфатиме вистинската негова вредност!

Натпреварот беше еднакво инфарктен и во првото полувреме кое заврши со 13-13. Почна со 0-3 за Кил, но Вардар, иако „запали“ доцна, почна да игра и да го диктира натпреварот поведувајќи со три разлика во три наврати. Сепак, по 10-7 во 16. минута, Кил почна да практикува зона 3-2-1 во одбраната и следуваше суша од пет минути за македонскиот тим, што резултираше со изедначување. Иван Чупиќ утна два пенала во последните две минути и не успеа да го задржи водството до паузата.

На листата со стрелци, шест запиша Борозан, пет имаше Циндриќ, а Криштопанс погоди четири пати. Огромен херој е Арпад Штербик кој застана на 13 одбрани. Кај Кил, по пет гола дадоа Винцек, Зарабец и Екберг, а Ландин доцна се разбуди, па остана на седум одбрани.

Ф4-турнирот во Келн се игра на 26 и 27 мај, во Келн, а противници на Вардар ќе му бидат ПСЖ, Нант и подобриот од Монпелје - Фленсбург (28-28 по првиот меч)