Победата од „Кале“ не беше доволна, Бутел отпадна од ЕХФ-купот

Македонија ќе остане на само еден претставник во ЕХФ-купот, откако, по Пелистер, синоќа, денеска отпадна и Бутел Скопје, благодарение на поразот во Запорожје, со 24-29.

Истоимениот домаќин победи со пет разлика со гол постигнат во последните секунди од натпреварот. Ако, случајно не успееше во тоа, Бутел ќе се радуваше на пораз од четири разлика, затоа што во Украина носеше залиха од 18-14 од првиот меч во Скопје. 

Малиот број голови му дозволуваше да си дозволи и пораз од четири разлика, а се виде дека тука некаде ќе биде границата на мечот во Запорожје и по завршувањето на првото полувреме, кога Запорожје водеше со 13-9.

Бутел се врати во игра некаде околу 45. минута, изедначувајќи на 20-20, имаше и 22-22 во последните 10 минути, но дозволи да прими две брзи серии со по три гола и да си ја упропасти положбата. Најефикасен беше Мирко Мајиќ со осум гола, Горан Печенковски постигна шест.

Ова беше квалификациски двомеч од второто прелиминарно коло во ЕХФ-купот. Запорожје се пласира во третото, каде со ждрепка противник чека и Металург. Третото коло ќе биде последен филтер пред натпреварите по групи.