Пелистер и Бутел се носители, Металург ќе чека противник до ноември

Европската ракометна федерација го соопшти рангирањето на клубовите во ЕХФ купот во машка и во женска конкуренција и во Челинџ во женска. Повеќето од македонските екипи имаат повластена улога против потенцијалните ривали. Ждрепката ќе биде влечена идниот вторник, во 11 часот.

По девет години непрекинато играње во Лигата на шампионите, Метаулрг сега се пресели во ЕХФ-купот, но богатото минато му донесе висок рејтинг, оттука, ќе има улога на носител во квалификациите. Ќе почне од последното, трето коло, а потенцијални противници ќе му бидат 16 победници од втората квалификациска рунда.

Таа, пак, ќе биде стартна позиција за преостанатите два наши репрезента во ЕХФ-купот, Бутел и Пелистер. И тие се, практично, носители, затоа што својот противник ќе го добијат од победниците од првото квалификациско коло. Арно ама, проблем е тоа што првото квалификациско коло има екипи кои воопшто не се наивни, како Рибница, Дубрава, Доброгеа Суд Констанца, Макаби Ришон итн.

Во ЕХФ-купот има и неколку екипи во кои настапуваат македонски интернационалци, како Филип Талески со Рајн-Некар (ако остане), Кирил Лазаров со Нант кои ќе почнат исто како Металург, од третото коло. Потоа Борко Ристовски од Бенфика чека од второто коло, додека Звонко Шундовски од Констанца, би можеле да игра со Пелистер или со Бутел, ако го мине првото коло.

Квалификациите во ЕХФ-купот почнуваат на 31 август/1 септември, реваншите се една недела подоцна, додека Пелистер и Бутел ќе се активираат на 5 или 6 октомври, за кога е закажан почетокот на второто квалификациско коло. Металург ќе игра на 16/17 ноември, а ждрепка за негов противник ќе има дополнително, откако ќе заврши второто коло.

Во женска конкуренција, пак, имаме две екипи во ЕХФ-купот и една во Челинџ. Само Пелистер ќе биде носител, мегу 27 учесника во третото нок-аут коло од ова натпреварување, додека Металург и Куманово ќе имаат статус на аутсајдери во првата квалификациска рунда од ЕХФ-купот.

 

Распоред на машкиот ЕХФ-куп

Распоред на женскиот ЕХФ-куп