Парондо номиниран за најдобар светски тренер за 2019 година

Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) го номинираше поранешниот предводник на Вардар, Роберто Гарсија Парондо за најдобар тренер на светот за 2019 година.

Светската куќа на ракометот денеска ги објави номинациите, а Шпанецот кој лани го однесе Вардар до титулата во Лигата на шампиони очекувано се најде помеѓу најдобрите. Парондо го предводеше нашиот тим од клупата во исклучително тежок момент, откако клубот влезе во финансиска криза, па многу ракометари најавија заминување. Сепак, „црвено-црните“ се издигнаа над проблемите и неочекувано ја покорија Европа по втор пат во својата историја. Вардар минатата сезона под водство на Пародно ја освои и СЕХА-лигата и македонското првенство.

Парондо по фајнл-фор турнирот во Келн си замина од Вардар за да биде селектор на египетската репрезентација.

Покрај Шпанецот номинирани за најдобар светски тренер се и Николај Јакобсен (Данска, Рајн-Некар), Кристијан Берге (Норвешка), Маик Мачула (Флензбург) и Дидие Динар (Франција).

За најдобри светски ракометари за минатата година номинирани се Микел Хансен, Сандер Сагосен, Никлас Ландин Јакобсен, Лука Циндриќ и Расмус Лауге Шмид. Кај ракометарките за титулата најдобра во светот ќе се бира помеѓу Ана Вјахирева, Еставана Полман, Стине Бредал Офтедал, Лоис Абинх, Тес Вестер.

Гласањето почнува денеска на официјалната интернет страница на ИХФ, а ќе трае до 18 јули, кога ќе бидат објавени победниците.