Ојлески: Во меч како овој со Рајн-Некар може само да добиеме!
За Гоце Ојлески ова е прво патување, бидејќи не беше во тимот кој играше во Гудме. Се врати за мечот против Кадетен, во Битола и призна дека само еден натпревар му бил доволен да види дека тимот не е на својот максимум.
„Секако дека коронавирусот остави трага. Не е лесно да си надвор од тренажен процес десетина дена. Видовме како тоа се одрази на натпреварот против Кадетен Шафхаузен. Атмосферата не се наруши, продолживме да тренираме, да ја вратиме снагата и да се подготвиме за натпреварот во вторник“, вели левото крило на битолчани.
Натпревари како овој со Рајн-Некар се играат ретко во текот на сезоната, затоа Ојлески посакува да извлечат максимум од него.
„Рајн Некар Левен е фаворит во групата, не е лесно да се игра против нив, посебно на гостински терен. Нема што да загубиме, одиме да играме европски ракомет и можеме само да добиеме и да се воиграме за следните натпревари кои ни следуваат“, истакна Ојлески.
Тој, овој пат ќе биде важен на позиција лево крило, со оглед дека Бојан Маџовски не опатува, а покрај него во Битола останаа и десното Ненад Костески и пивотот Елмир Граѓан.