Официјално: Македонија е трета ракометна велесила во Европа – на клупско ниво!

Фантастичните настапи на Вардар во Лигата на шампионите во изминативе три сезони, во кои беа освоени две европски титули заедно со уште еден пласман на фајналфор-турнирот, на Македонија и го донесоа рекордното трето место на листата на Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Челниците на европскиот ракомет денеска го објавија рејтингот на сите европски држави, според кој ќе се одредат учесниците во трите европски натпреварувања во сезоната 2020/21, кога Лигата на шампионите (ЛШ) ќе се игра според нов формат, а ќе се формира и ново натпреварување – Европска ракометна лига (ЕРЛ). На врвот се Франција и Германија, кои со тоа добиваат гарантиранот место во ЛШ и четири претставника во ЕРЛ, а веднаш зад лидерскиот двоец е Македонија, која исто така има загарантирано место во најелитното натпреварување, како и три места за новоформиранта ЕРЛ.

Ова е најдобар пласман на нашата земја на оваа клупска рејтинг листа на ЕХФ, како уште една потврда на добрите игри како на Вардар, така и на Металург кој исто така беше дел од ЛШ во изминативе три сезони од кои се земени резултатите.

Покрај новиот систем на натпревари, со ЕРЛ и преименувањето на актуелниот Челинџ-куп во ЕХФ-куп, промена имами во рангирањето на клубовите. Од оваа листа, резултатите остварени во новиот ЕХФ-куп ќе се рангираат само за тоа натпреварување и обратно, резултатите од ЛШ и од ЕРЛ ќе важат само за рњнкингот во тие конкуренции.