Одбраната на тронот почна со победа: Вардар славеше кај Висла Плоцк

Ракометарите на Вардар успешно стартуваа во новата сезона во Лигата на шампионите со триумф од 22-26 на гостувањето кај Висла Плоцк во рамки на првото коло.

Вардар го контролираше натпреварот во првото полувреме буквално од првата минута. Прв поведе и не му дозволи на полскиот тим ниту еднаш да дојде до водство. До некаде 20-тата минута, европскиот шампион имаше минимална предност од еден до два гола разлика, но потоа со серија од 3-0 дојде до 8-12 благодарение и ја направи првата посериозна разлика. На полувремето нашиот тим успеа да ја задржи предноста и на пауза замина со 9-13.

Слабиот старт на второто полувреме и расположениот голман на Полјаците Марцин Вихари придонесоа Висла да дојде до израмнување. Вардар немаше постигнато гол шест минути, па домаќинот дојде до 13-13, а Даинис Кристопанс конечно го скрши мразот во второто полувреме. Во периодот од првите 11 минути од вториот дел голманот на Висла Вихари собра неверојатни осум интервенции и буквално ги исфрустрира нашите ракометари.

По 15 минути игра во второто полувреме нашиот тим имаше семо два постигнати голови, од кои еден беше од пенал на Иван Чупиќ и за среќа Висла не ги користеше своите напади инаку можеше да направи сериозна предност. Резултатот беше 15-15, а конечно серијата без гол ја прекина Данил Шишкарев за 15-16. Потоа погодија и Лука Циндриќ и Хорхе Македа за Вардар да се врати на покомотна предност од три голови разлика или 15-18.

Европскиот првак се врати на четири голови предност (16-20) на осум минути до крајот на натпреварот, но Висла Плок се врати со серија од 2-0 на три ипол минути до крајот за резултатот да гласи 19-21. Момците на Раул Гонзалес не дозволија никакво изнеадување во финишот, а нападите ги решаваше Вуко Борозан за конечен триумф од 22-26.

Вуко Борозан со пет голови беше најефикасен во таборот на Вардар, Даинис Кристопанс постигна четири, а по три пати во листата на стрелци се запишаа Иван Чупиќ и Тимур Дибиров. Кај Висла, Дашек со шест голови беше најдобар поединец во нападот.