Некогашен бомбардер на Металург, негов сонародник и Бразилец биле играчите кои ги мерка Вардар

Дека за актуелниот европски ракометен шампион Вардар доаѓаат подобри времиња потврдуваат и денешните пишувања во руските медиуми, каде што покрај објаснувањето на начинот со кој сопственикот Сергеј Самсоненко го спречил понатамошниот одлив на играчкиот кадар се споменуваат и конкретни имиња за потенцијалните засилувања за до крајот на сезоната.

Најзвучно од трите имиња со кои шпекулираат руските новинари секако и хрватскиот репрезентативец Халил Јагањац, кој до пред неколку сезони беше носител на играта на Металург. Станува збор за лев бек кој во моментов настапува за тимот на Нексе, кој воедно е и противник на вардарци во четвртфиналето од СЕХА-лигата. Тој во Автокоманда настапуваше до 2018 година, по што се врати во Хрватска по финансиската криза во овој тим.

Во игра за црвено-црниот дрес е и неговиот сонародник Јосип Шарац, кој најчесто игра на позицијата среден бек и во моментов е член на Цеље. Во опција за нов лев бек е и бразилскиот интернационалец Леонардо Дутра Фереира, кој сега настапува за шпанска Куенка.

Вардар денеска отпатува за Португалија, каде што викендов ќе го одигра натпреварот од Лигата на шампионите против Порто.