Недановски пред стартот на ЕЛ: Не се плашиме од Валур, ама нема да го потцениме!

Екипата на Вардар по неколку годишна апстиненција сезонава се враќа во групната фаза од едно европско натпреварување и тоа во Европската лига, каде што утре ќе го почне настапот со пресметката на домашен терен против исландски Валур.

Тренерот Владо Недановски е оптимист пред оваа пресметка и верува дека црвено-црните ќе може да почнат со победа.

„Среќен сум што во 'Јане Сандански' пак ќе се игра европски меч, а се надевам дека наскоро тоа одново ќе биде дуел од Лигата на шампионите. Противникот игра брз и модерен ракомет, на кој ќе мора да му парираме. Ја прифаќаме фаворитската улога во пресметката со Валур, но тоа не значи дека ќе ги потцениме – напротив. Добро сме подготвени и се надевам на најдобар можен исход. Не сметам дека групата е поволна за нас, но сакаме да играме со квалитетни ривали“, изјави Недановски.

Црвено-црните пресметката против Валур ќе ја одиграат утре вечер со почеток во 20.45 часот.