Натпревар за кревање на моралот: Вардар треба да го згази Порто!

Вардар отвора серија доживувања за својата публика, со првиот домашен натпревар од Лигата на шампионите, против Порто (17ч.). Името на противникот веднаш бара победа на европскиот првак, но актерите од теренот најавија дека до неа ќе се дојде макотрпно.

Порто е една од екипите, кои, ако им дозволите – ќе ве изненадат. Од друга страна, ако добро го контролирате натпреварот, тие нема што многу да направат. Тoа e тим составен, главно, од Португалци и тие го имаат главниот збор. Ќе речете, Португалија не е никаква веле-сила во ракометот за некој да се плаши од нив, но искусниот Швеѓанец на клупата, Магнус Андерсон, сфатил со какви сили располага, па се обидел да извлече максимум од нив.

Играта на Порто е брза, со напад „7 на 6’ и ако ве „фати машината“ лесно може натпреварот да замине во неповрат. Тоа го снајде Мешков Брест во првото коло, кога водеше со осум разлика и со 15-9 на паузата за потоа да си замине од „Драгао арена“ поразен со 25-27. Вардар е свесен за ова и подготвен ги дочекува Португалците.

Од она што досега видовме од Давид Писонеро во новата сезона, црвено-црните играат нешто побргу, но и примаат голови полесно од минатата сезона. Уште се почетни неколку натпревари во сезоната и екипата е во процес на моделирање, но натпревари против Порто се токму такви, добредојдени за кревање на играта.

Со исклучок на Столе Стоилов и Жозе Толедо, останатите се здрави и подготвени да придонесат. Досега изостана ефектот на голманите, па можеби Кугис и Гебдан денеска ќе најдат мотиви да блеснат.