Манасков се врати на терените со гол, Веспрем чекор поблизу до Ф4 во Келн

Македонскиот ракометен репрезентативец Дејан Манасков после осум месеци од тешката повреда и операцијата на лигаментите на коленото вечерва се врати на терените со еден гол за унгарски Веспрем кој направи голем чекор кон фајнлфорот во ЛШ во Келн по победата во првиот четвртфинален меч со Алборг со 36-29.

Манасков погоди еднаш од два шута откако во второто полувреме доби шанса, во кое практично Унгарците и ја направија одличната предност од седум гола како капитал за реваншот.

Унгарците на полувреме имаа само гол предност, иако најмногу што избегаа беше на плус четири во првата половина од првиот дел (11-7), но во вториот дел брзо ја преземаа контролата на мечот, па предводени од голманот Коралес на средина од вториот дел дојдоа до плус шест (24-18) и потоа таа предност ја одржуваа, а Алборг најмногу што се приближи беше на минус четири (31-27) на седум минути пред крајот.

Веспрем во финишот дојде до најубедливите плус седум и ги задржа за со огромна предност сега да оди во реваншот.