Манасков до три од три, ама Душебаев (му) го наполни Веспрем!

Полскиот тим Кјелце дојде до првата победа во вториот меч од новата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ), откако вечерва, на домашен терен, го совлада фаворизираниот Веспрем (32-29), за кого тоа беше прв пораз.

Полјаците одлично го почнаа мечот, па веќе кон средината на првото полувреме дојдоа до огромни плус седум (12-5), со што го најавија триумфот. Гостите од Унгарија правеа сѐ за да се вратат во игра за победа, но најмногу што направија беше да се приближат на најмногу три гола негатива. Нашиот Дејан Манасков постигна три гола од три обиди во поразениот тим, додека најдобар кај Кјелце беше поранешниот вардарец, Алекс Душебаев, со седум погодоци.

Во вториот меч во првиот денешен термин во ЛШ, ракометарите на Барселона немаа никакви проблеми во дуелот на домашен теренот против Мотор (36-25), за втор по ред триумф.