Македонија има загарантиран учесник во новата Лига на шампионите!

Уште во декември ЕХФ го усвои предлогот за менување на евро-куповите од сезоната 2020/21, со намален број на екипи во ЛШ и нова, Европска ракометна лига. Денеска донесоа одлука како ќе бидат распределени екипите, а Македонија дозна дека ќе има сигурен претставник во новата, елитна ЛШ.

Новата ЛШ ќе биде, всушност, она што се сега групите А и Б, две конкуренции со по осум екипи и таму ќе има место само за елитата. ЕХФ одлучи дека тие 16 позиции ќе се пополнат според овие критериуми:

- првите девет места за земјите кои се рангирани од 1 до 9 според ЕХФ-коефициентот

- Десеттото место ќе биде за земјата со најмногу освоени европски трофеи во последните три сезони

- од 11 до 16 ќе бидат сместени екипи судејќи според пет критериуми: сала, ТВ и дигитализација, резултати во ЕХФ-конкуренциите во минатите сезони, менаџирање на клубот.

Со оглед дека Македонија го држи седмото место според ЕХФ-коефициентот за следната сезона, а тоа не може да се смени негативно за 2020/21, бидејќи бодови ќе донесе титулата на Вардар, заклучуваме дека шампионот од нашата земја сигурно ќе има место мегу 16-те елитни.

Ќе постои нова, Европска ракометна лига, со 24 учесници, поделени во шест групи. Од тие 24, половина ќе имаат загарантирано место, 6 од земјите кои немаат претставник во ЛШ, 5 ќе бидат второпласираните (или третопласираните) екипи во земјите рангирани од 1 до 9 според ЕХФ-коефициентот и 1 со најмногу титули од ЕХФ-купот во последните три сезони. Останатите 12 тима ќе дојдат преку квалификации.