Ма, каква криза: Металург блесна кога никој не очекуваше!
Искуството на Спортинг беше невидливо во „Борис Трајковски“, преовлада полетноста на момчињата во сино за победа од 28-27. Ова беше еден од оние натпревари, во кои, ако доволно силно сакате - ќе успеете. Се бореа храбро македонските ракометари, играјќи во најмала рака рамноправно од почетокот на мечот, а потоа почнаа да градат водство.
Првпат имаа плус три во 18 минута, со 11-8, а со помош на разбранетиот Дарко Арсиќ вратија комотна позитива дури и откако Спортинг стигна, па на пауза заминаа, дотогаш највисоки, 17-13.
Во второто полувреме Металург долго ја одржуваше предноста од три-четири гола, а во тоа им помагаа гостите со немарна игра, полна со технички грешки. Сепак, настапи и очекувана криза во играта на македонскиот вицепрвак, некаде по 45. минута, доволно за мечот да влезе во неизвесен финиш.
Спортинг се доближи на 25-24 на истекот на 50. минута, а Металург се мачеше во нападот. Се разбрани и голманот Чудиќ, па победата почна да виси, но концентрацијата не ги напушти металурзите кога требаше. Вања Илиќ беше присебен во контра на минута и пол до крајот за да погоди за 28-26, со што стави точка на натпреварот, без разлика што Спортинг погоди уште еднаш.
Португалскиот тим претходно имаше и напад за нерешено, во кој Јанко Божовиќ погоди статива во првото влегување во игра. Металург го предводеа Дарко Арсиќ со 12 одбрани и Филип Кузмановски со шест гола. Божо Анѓелиќ го следеше со четири погодоци, а извонредно важен беше Давор Палевски со пет гола од пет седмерци. Кај Португалците, Чудиќ застана на 11 одбрани, а Карнеиро имаше шест гола.
Со првата победа Металург го напушти дното на групата Д и сега е петти, со два бода, колку и Спортинг пред него. Во следното, четврто коло, му гостува на Мотор Запорожје.