
Кјелце го збриша Веспрем за да обезбеди виза за Ф4 во Келн
Веспрем пред една недела пред своја публика се спаси од пораз во завршницата за 29-29, но денеска во Полска немаше што да бара, зашто Кјелце после воведната негатива од 0-1, брзо дојде на плус четири и таа предност ја одржуваше до завршницата од првиот дел кога со два гола отиде на плус шест (18-12) и го најави триумфот.
Во вториот дел, на Веспрем не му дадоа ни шанса да се приближи, па Полјаците успеаа да дојдат и до највисоките плус осум кои ги имаа трипати и само рутински го завршија мечот за конечна победа.
Шимон Сицко и Алекс Душебаев со по шест гола беа најефикасни кај Кјелце, Николас Торно даде четири, додека Матеуш Корнецки собра шест одбрани. Недим Ремили со седум гола беше најефикасен кај Веспрем, а Кентин Мае погоди петпати. Родриго Коралес имаше шест одбрани за унгарскиот тим.
Вчера Магдебург првпат обезбеди Ф4 со победата со 30-28 (22-22 во првиот меч) против Висла Плоцк, а ПСЖ со втора победа против Кил со 32-29 (31-27 во првиот меч) исто така го завери пласманот. Вечерва од 20.45 часот, Барселона само формално дома треба да го запечати новото учество во Келн, зашто има огромни плус седум против дански ГОГ (37-30) од првиот меч на гости.