Кастратовиќ: Мотивирани сме да го прикажеме најдобриот Металург!

По пауза од една сезона, Металург се враќа во натпреваривачки систем по групи на ЕХФ, овој пат во новоформираната Европска лига, како замена за настапите во Лигата на шампионите, каде што учествуваше осум сезони едноподруго. Првата задача е да се освојат бодови во Тулуз, меѓутоа еднакво важно за предводникот, Зоран Кастратовиќ е да се прикаже квалитетна партија.

Металург успеа да ги помине двете квалификациски кола, но некако впечатокот е дека најдоброто издание од него допрва треба да го видиме. Зоран Кастратовиќ има на располагање засилена, до душа, доста променета екипа, така што логично би било како минуваат месеците таа да станува поусогласена и подобра. На патешествието до Тулуз им недостасува младиот репрезентативец на Македонија, десниот бек Мартин Серафимомв (поради Ковид-19), но Кастратовиќ верува дека останатите ќе го надоместат неговото отсуство и ќе прикажат најдобро лице на Металург досега.

„Екипата е во добра психофизичка состојба. Сметам дека во натпреварот вечерва ќе влеземе мотивирани да прикажеме квалитетна игра, најдобрата верзија на Металург на отворањето на Европската лига, која во овој формат ќе се игра за првпат. Сигурно е дека ќе ни недостасува Мартин Серафимов, тој е важен играч за нашиот тим. Меѓутоа убеден сум дека со голема ангажираност, неговите соиграчи ќе се потрудат да го компензираат неговото отсуство“, изјави Кастратовиќ за Спорт1, по пристигнувањето во Франција.

Тулуз е противник од една од двете најсилни лиги во Европа, но новата сезона ја почна со четири порази во петте кола. За волја на вистината, сите четири порази се од екипи, кои во моментов се наоѓаат од првата до шестата позиција на табелата. Она што Кастратовиќ го загрижува најмногу е брзата игра, молскавичната транзиција од одбрана во напад, која често им носи лесни голови. Впрочем, таквиот стил го потенцира и бројот на голови на нивните натпревари: 29 постигнати и 31 примен во просек.

„Тулуз има квалитетна и искусна екипа, која на сите позиции е покриена со одлични ракометари, на кои брзата транзиција им е најсилно оружје. Затоа, од првата минута на мечот ќе мораме да влеземе максимално борбено во одбраната и концентрирано во нападот, со единствена цел градење квалитетна и сигурна игра во која техничките грешки ќе бидат сведени на минимум, за да не му се дозволи на противникот да постигнува лесни голови“, вели Кастратовиќ.

Натпреварот се игра од 18 часот и 45 минути, два часа од оригинално договорениот термин, кој беше поместен за два часа порано, поради полицискиот час (од 21.00 до 6.00) на територијата на цела Франција. Металург е еден од двата македонски претставника во Европската лига. Покрај него, денеска требаше да игра и Еурофарм Пелистер, дома со Татабања, но тој дуел е одложен поради големиот број ракометари во унгарскиот тим заразени со коронавирусот.