Како Вардар да отпадне од Кил, кога има судии пријатели на Македонија!

Вардар го пречекува Кил со голема предност во реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Во првиот натпревар победи со 29-28 во Германија и во возвратниот меч на сопствен терен и среде пеколната атмосфера во „Јане Сандански“ ќе треба виша сила за некој да го симне од „возот за Келн“, како на пример судиите. Арно ама, луѓето со свирчето утревечер се миленици на македонската ракометна публика.

Чесите Вацлав Хорачек и Јиржи Новотни ќе ја делат правдата на мечот Вардар Кил, утре во 17 часот во „Јане Сандански“. За сите што следат ракомет малку попосветено, оваа судиска двојка е звучна, позната и питома на уво.

Тоа се луѓето кои го раководеа инфаркт-натпреварот меѓу Вардар и Барселона во Келн минатиот јуни и кои свирнаа за победа по голот на Лука Циндриќ во последните секунди.

Хорачек и Новотни ни се пријатели и од претходно, во 2016 година, на ЕП во Полска судеа на клучниот меч меѓу Македонија и Србија, кога Дејан Манасков погоди со звукот на сирената за реми и пласман на нашата репрезентација во втората рунда од првенството.

Два месеца подоцна, ЕХФ ги делегираше да судат на уште еден важен меч за македонскиот ракомет, Вардар – Висла во реванш осминафиналето од Лигата на шампионите. Во Полска беше 30-30, а овде Вардар едвај извлече победа со 25-24.

Не е дека наши екипи и репрезентации имаат перфектно досие под нивната палка. Вардар дури има пораз и на домашен терен и тоа токму од германска екипа и токму кога на клупата покрај теренот седел истиот делегат, Словенецот Томо Водопивец. Тоа беше Вардар – Рајн-Некар 26-29 во ноември 2016, во натпревар од групната фаза, со онаа убиствена тактика 6-на-7 на Германците во второто полувреме.

Вардар губел и од Барселона, на гости со 30-31, а имаме и две ремија со нив како судии, повторно Вардар – Барселона, во 2013 и Санкт Петербург – Металург од 2011 година.

 

ПОСЛЕДНИ НАТПРЕВАРИ НА КОИ СУДЕЛЕ ХОРАЧЕК/НОВОТНИ

3 јуни 2017 Вардар – Барселона 26-25

26 ноември 2016 Вардар – Рајн-Некар 26-29

26 март 2016 Вардар – Висла 25-24

19 јануари 2016 Македонија – Србија 27-27

14 ноември 2015 Барселона – Вардар 31-30

12 октомври 2014 Вардар – Рајн-Некар 28-25

15 јуни 2014 Македонија – Грција 35-23

30 март 2014 Колдинг – Металург 26-30

20 јануари 2014 Македонија – Исланд 27-29

21 септември 2013 Вардар – Барселона 29-29

9 октомври 2011 Санкт Петербург – Металург 25-25