Голот на Манасков во последната секунда меѓу најубавите во Лигата на шампионите!

Ракометарите на Пелистер ремизираа против големиот ПСЖ (34-34) во последниот домашен натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите, а драматичната завршница донесе и момент што се најде меѓу најдобрите во колото.

Херој на битолчани беше Дејан Манасков, кој погоди во контранапад буквално со звукот на сирената и му донесе реми на македонскиот шампион. Акцијата започна со клучна интервенција на голманот Саид Хаидаридад, кој одбрани зицер на гостите, по што топката експресно беше префрлена на противничката половина, а Манасков ја круниса контрата со погодок за конечни 34-34.

Во изборот на Европската ракометна федерација, голот на македонското крило е рангиран на петтото место, зад атрактивните реализации на Аркадиуш Морито од Киелце, Петар Цикуша од Барселона, Матиас Гидсел од Фуксе Берлин и Ѓиорѓи Тсковребадѕе од Загреб.