ГОГ со повредениот Олсен во составот, Е. Пелистер комплетен за деби

Комплетен и максимално подготвен Еурофарм Пелистер денеска ќе ги почне настпите во Европската лига на ЕХФ и тоа на тешко гостување во Гудме, против тимот на ГОГ.

Не е дека Жељко Бабиќ се потпира нанедостатоците на ривалот, но годеше информацијата дека плејмејкерот Мортен Олсен нема на време да се рехабилитира по операцијата на прст. Сепак, Данецот е во составот на ГОГ за денешниот дуел, кој ќе почне во 18.45.

Тешко е да се предвиди во какво издание ќе го видиме македонскиот претставник, од причина што нема одиграно официјален натпревар осум месеци! Ако се суди по подготвителниот период, трипати го победи Вардар, така што би требало да е, барем, конкурентен во Данска.

Во составот и на патувањето не се Кукулоски, Граѓан и Ѓукиќ, не затоа што не се здрави, туку од тактички причини. Бабиќ истакна дека најдолем предизвик ќе биде да се умртви играта на брзите Данци, да се запре молскавичната транзиција и ако биде така, може да се надеваат на бод(ови) од Гудме.

Ова е натпревар од второто коло во Европската лига, во групата Д. Првото Е. Пелистер го прескокна затоа што противникот, Татабања, побара одложување поради заболени од Ковид-19.