Е. Пелистер доби противници од Франција и Унгарија, но и од - Грција! (ФОТО)

Македонскиот претставник во ЕХФ Европската лига, Еурофарм Пелистер, беше извлечен во групата Д, на денешната ждрепка во Виена. Носител во неговата група е познаникот Татабања, веројатно најлесниот меѓу можните четири, избегнувајќи ги Нант, Магдебург и Бидасоа Ирун.

Како и во минатата сезона, Е. Пелистер ќе го има во групата унгарскиот претставник, кој лани заврши последен, со 10 порази од 10 меча, меѓутоа откако ги надмина проблемите со Ковид-19, кон крајот на сезоната го совлада Веспрем, така што во подобро издание ќе влезе во новата европска сезона.

Останатите противници се АЕК од Атина, шампионот на ЕХФ-купот од минатата сезона, Спортинг од Лисабон, Ним од Франција и Кадетен Шафхаузен, со кого исто така се надигруваа во минатосезонската група (пораз во Швајцарија, нерешено во Битола).

Според познатиот формат, првите четири екипи од групата продолжуваат во нок-аут фазата и ќе вкрстат со првите четири екипи од групата Ц, по принцип 1-4, 2-3... Натпреварите почнуваат на 19 октомври.