Дибиров: Ќе биде интересно со Раул, Криштопанс и Скубе, нѐ чека спектакл!

За вистинските спортисти потешки противници не значат поголема невоља, туку поголема шанса за возбуда и за докажување. Таков е ставот на Тимур Дибиров, откако Вардар попладнево ја доби групата за новата сезона во Лигата на шампионите.

Групата А е потешка од групата Б или барем поизедначена, за тоа не е потребна опсежна анализа, туку се гледа уште на прв поглед. Вардар ќе треба да се бори за една од шесте позиции во конкуренција на ПСЖ, Порто, Кјелце, Пик Сегед, Мешков, Фленсбург и на Елверум, а Дибиров тоа го гледа како спектакл.

„Групата е одлична! Се надевам и верувам дека ќе играме пред публика и дека ќе уживаме во добар ракометен спектакл“, вели Дибиров.

Она што ќе биде забележливо е дека во „Јане Сандански“ првпат ќе се вратат Раул Гонзалес и Даинис Криштопанс со ПСЖ и Сташ Скубе со Мешков Брест, како и Игор Карачиќ и Алекс Душебаев со Кјелце на кои нема да им биде првпат. Повратник ќе биде и Никола Митревски со Порто, но тој беше вардарец уште пред Дибиров да дојде во Вардар. Русинот вели едвај чека.

„Посакувам и Раул и Криштопанс и Скубе со Мешков Брест да  добијат добар пречек. Едвај чекам, ќе биде ептен интересно“, коментира руското лево крило.