Демне опасност од ЕХФ: Овој Вардар нема да биде наследник на двете европски круни?!

Финансиската криза на РК Вардар остана зад нас, но постои опасност дека некои „демони“ од минатото ќе го гонат овој подновен и освежен Вардар, сега и со нов правен субјект и додавка 1961. Адреса од која доаѓаат - Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Според сознанијата на Спорт1, кои доаѓаат токму од раководните редови на ЕХФ, почнала да се развива кампања против сè уште актуелниот шампион на Европа. Повод за тоа биле сè уште неисплатените долгови од Сергеј Самсоненко кон ракометарите, поголем дел од нив веќе одамна заминати од Скопје.

Наводно, дел од ракометарите кои порано играа за Вардар, си ги барале своите неисплатени пари преку ЕХФ. Се повикале на своите неиспочитувани договори и побарале од европската „ракометна влада“ да биде арбитар во случајот со Самсоненко. Меѓутоа, оттаму ги упатиле на адреса на Вардар, клубот кој сè уште, без прекин си постои. Работата е во тоа што, сите тие доверители имаат побарувања од Самсоненко, а не од Вардар 1961, кој се регистрира како нов субјект од практични причини.

Оттука, во ЕХФ веќе гласно размислуваат, штом овој Вардар не е наследник на милионските долгови кон играчите, тогаш зошто да ги наследи двете титули, освоени во 2017 и во 2019 година.

Проблемот е во тоа што, тие титули се освоени од играчи кои и денес го носат истиот црвено-црн дрес, додека заостанатите плати се должност на претходниот газда. Наводно, Самсоненко имал нотарски договор со сите ракометари на кои им се должи, актуелни, поранешни, да им исплати сè заклучно со февруари 2021.

Според сознанијата на Спорт1, од ЕХФ го чекале тој датум како последен рок, за потоа да реагираат и да удрат по наследството на Вардар.

Не мора некому да му се црвеното и црното при срце, за да знае дека без разлика на додавката Вардар е - Вардар. Пехарите кои беа освоени со загубени нерви, непреспани ноќи и прелеани пот и крв се на овие (и тие) играчи и мора да останат недопирливи за каква било административна игра на должници и доверител.