Арена и МТВ не се договорија, Вардар во ЛШ ќе го гледаме на српски јазик!

По пауза од две години ракометната Лига на шампиони повторно нема да се емитува на македонски јазик, без разлика што Македонија има свој претставник во Вардар.

Причина за тоа е, секако, фактот што правата за елитното ракометно натпреварување ги има регионалната ТВ-мрежа, Арена Спорт, а во државава не постои никаква регулација за заштита на интересот на македонскиот гледач, со оглед на тоа дека станува збор за натпреварување од највисок национален интерес.

Арена Спорт се емитува само на дел од операторите во Македонија и тоа со доплата, па секој не може да си ја дозволи гордоста на македонскиот спорт, а да не зборуваме каква шлаканица е тоа за македонскиот јазик.

И покрај обидите на Македонската радиотелевизија (МРТ), кои во последниве две сезони беа успешни и го носеа Вардар на „малите екрани“, овој пат договор не бил постигнат само затоа што моќниците од соседството барале безобразно висока сума во споредба со минатото, се разбира, за нексклузивни права.

Не е исклучено дека во текот на сезоната можно е да се смири топката и да дојде до некаква спогодба, па МРТ да се вклучи со преноси, но постојат и други, надворешни развои, кои најавуваат друго сценарио.

Веќе е општо познато дека Телеком Србија подготвува влез на македонскиот пазар на голема врата, а со него, бездруго и Арена Спорт би го сменила својот оператор-домаќин. А со оглед дека и македонските политичари почнаа да пројавуваат интерес за иницијативата „спорт на македонски јазик“, ништо чудно за некое време да осамне Арена Спорт на македонски јазик, со Вардар во својата понуда.