Алушовски: Убеден сум дека ова нема да ни биде последна победа во ЛШ!

Тренерот на македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник и легенда на макеоднскиот ракомет, Стевче Алушовски после историската прва победа во Лигата на шампионите вечерва против фински Кокс, посочи дека убеден е дека битолчани нема да останат само на овој триумф.

Како и во целата досегашна сезона, Работник повторно одигра одлично прво полувреме, па потоа застана, ама овојпат во финишот успеаа да стигнат до минимален триумф со 31-30 и да се израдуваат првпат во европската елита.

„Очигледно судено ни е да играме одлично прво полувреме, а потоа да им дозволиме на ривалите да се вратат. На крајот на мечот имавме повеќе среќа и конечно стигнавме до победа во ваков неизвесен меч. Сакам да им честитам на ракометарите за оваа одлична победа, која е прва и историска за нашиот клуб. Ова ни е прва радост во ЛШ, но убеден сум дека нема да ни биде и последна“, рече Алушовски.