Алкалоид на Велигден брка историска победа вредна можеби и – европско финале!

Ракометарите на Алкалоид вечерва, на најголемиот христијански празник Велигден, ќе го одиграат првиот полуфинален натпревар од ЕХФ Европскиот куп на домашен терен во скопска Автокоманда и тоа против норвешкиот Рунар Сандефјор (19 часот).

Македонскиот тим, предводен од тренерот Кире Лазаров, ќе се обиде да испише нова страница во историјата на клубот, откако без пораз стигна до оваа фаза со импресивен биланс од седум победи и едно реми.

Сепак, Алкалоид ќе настапи ослабен – поради повреда и неодамнешна хируршка интервенција, Марко Митев нема да биде дел од тимот, а отсутен ќе биде и Никола Костески. Желбата на стратегот на „фармацевтите“ е било каква победа, макар и само со еден гол разлика, но јасно е дека македонските ракометари ќе сторат се за да дојдат и до далеку поголема позитива, која ќе им ја отвори вратата од историското прво европско финале.