Ако се праша Душебаев: Вардар да го мине Пик Сегед и - веднаш во Келн

Одложената сезона поради пандемијата со Ковид-19 донесе различни мислења за тоа како и дали треба да се довршат натпреварите во ракометната Лига на шампионите. ЕХФ веќе достави официјален предлог-календар, но повеќето ракометари и тренери не се согласуваат со него, а Талант Душебаев дури даде свое решение.

ЕХФ дефинитивно го одложи Ф4-турнирот во Келн, но новиот термин е во најмала рака контроверзен - 22 и 23 август. Тоа значи дека еден ракометар може да се пласира на Ф4-турнирот со една екипа, а таму да игра со друга, како на пример Сандер Сагосен, кој сега настапува во ПСЖ, а одидната сезона има договор со Кил. Токму поради ова, Талант Душебаев предложи сезоната да се заврши до 30 јуни по секоја цена. А како би се добило во време за тоа? Неговиот предлог е наместо Ф4-турнир, да се игра Ф8, односно сите четвфртфиналисти да се пласираат на тој проширен завршен турнир во „Ланксес арена“.

„Мислам дека е важно да се заврши оваа сезона, но не мислам дека играњето во август е добра идеја. Договорите на играчите се до 30 јуни и не може да се продолжат само туку така, со пукање на прстите. Ако ЕХФ навистина сака да ги доврши натпреварите мора да биде до 30 јуни. По овој датум почнува нова сезона. Кога веќе играме ‘фајнал-6’ во Купот на Полска, зошто да не играме ‘фајнал-8’ во Лигата на шампионите во последниот викенд од јуни. Тогаш нека се одиграат и четвртфиналните и полуфиналните дуели, сè во Келн. Секако, здравјето на играчите и на фановите останува на прво место, иако за мене нема поента играњето без публика“, изјави Душебаев.

Според неговиот предлог, Вардар би бил многу поблиску до Келн, бидејќи за тоа ќе му треба само да ги мине Пик Сегед, во осминафиналето. Впрочем, тоа би важело за сите и по само две осминафинални рунди, на шест двојки, би почнале подготовките за Келн. Барселона и Кил, како победници во своите групи се веќе четвртфиналисти.